Градоначалникот Ѓорѓиевски и заменик-министерот Велковски поделија над 50 пакети храна за Рамазан Бајрам

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска поделија повеќе од 50 пакети со прехранбени производи на сограѓани од исламска вероисповед. Акцијата е спроведена во пресрет на празникот Рамазан Бајрам, како симбол на солидарност и меѓусебна поддршка.

Ѓорѓиевски истакна дека овој чин е потсетник на најголемата човечка вредност – хуманоста. Тој потенцираше дека помагањето е заедничка порака на сите религии и дека добрината ги прави луѓето посреќни и поисполнети.

Во својата порака, градоначалникот упати честитки до верниците и изрази благодарност за негувањето на соживотот во главниот град.

Ви благодарам за вашиот придонес во градењето и негувањето на соживотот во нашето Скопје – вредност што нѐ прави посилни и пообединети. Да останеме сплотени, да си подадеме рака секогаш кога е потребно и да не дозволиме поделбите да нѐ оттурнат едни од други. Затоа што токму заедништвото е нашата најголема сила“, истакна Ѓорѓиевски.