Тошковски:

Денес остварив работна средба со Н.Е. Модсар Чаудари, пакистанскиот амбасадор со седиште во Софија, чија надлежност ја покрива и Македонија.

Оваа средба беше искористена за продолжување на разговорите за интензивирање на соработката во полето на безбедноста отпочнати за време на претходната средба со пакистанскиот министер за внатрешни работи, Сајед Мохсин Раза Накви. Имено, амбасадорот Чаудари уште еднаш ја потврди волјата на Министерството за внатрешни работи на Пакистан за потпишување на договор за реадмисија со македонското Министерство за внатрешни работи, што би било особено корисно за нас во борбата против нелегалната миграција како земја низ која транзитираат нелегални мигранти со пакистанско потекло.

Воедно, се осврнавме и на постапката за потпишување на договор за полициска соработка, кој, меѓу другото, би опфаќал и соработка која би се реализирала преку Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи.

И покрај географската оддалеченост, двете земји имаат иста зацртана цел – обезбедување безбедна средина за живот, секогаш со фокус кон почит на човековите права на граѓаните. Во тој дух, двете страни изразивме подготвеност и желба за интензивирање на соработката, на заемно задоволство и за заемна корист на граѓаните на обете земји.