Актуелниот градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, е кандидат за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори што ќе се одржат во октомври.Одлуката ја соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, по денешната седница на Извршниот комитет што се одржа во седиштето на партијата во Скопје, истакнувајќи дека се темели на анкетите кои покажуваат дека Ѓорѓиевски води убедливо дури и петпати повеќе во однос на решенијата што се споменуваат од СДСМ, а како градоначалник покажал резултати.Утврдени се и кандидатурите за општините Гази Баба, актуелниот Бобан Стефковски, за Карпош Сотир Лукроски, од приватнот сектор, за Лозово актуелниот градоначаник Бошко Цветкоски, за Пехчево, актуелниот градоначалник Александар Китански, за Ресен актуелниот Јован Тозиоски, за Зрновци исто така актуелниот градоначалник Борче Коцев.
-Настапуваме со понуда за чесни и некомромитирани вредни кадри за општините и ќе излеземе со јасна визија и програма за развој на секоја општина, рече Мицкоски. Претходно беа објавени кандидатурите за 33 општини кои владејачката партија ги утврди на седници на Извршниот комитет во мај и во јуни – за Битола, Кавадарци, Охрид, Велес, Штип, Гевгелија, Аеродром, Бутел, Ѓорче Петров, Чучер-Сандево, Свети Николе, Карбинци, Градско, Зелениково, Илинден, Конче, Делчево, Ново Село, Василево, Босилово, Берово, Петровец, Вевчани, Брвеница, Јегуновце, Македонски Брод, Могила, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Росоман, Новаци и Дебарца.
Време е Скопје повторно да го вратиме на скопјани и да изградиме град со кој ќе се гордееме сите ние и генерациите после нас, изјави кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски откако претседателот на партијата Христијан Мицкоски ја соопшти одлуката на Извршниот комитет тој да биде нивни кандидат на локалните избори за прв човек на главниот град.
Од утре, рече Ѓорѓиевски, ќе почнат со теренските посети и процесот на креирање на програмата со која ќе настапат на локалните избори за Град Скопје и проектите што ќе ги зацртаат ќе бидат детално разработени со рокови и финансиски импликации.Како што рече, фокус ќе биде решавање на сообраќајниот хаос, дивите депонии и хигиената во градот за кој рече дека е валкан.
-Градот едноставно кажано е прљав. Немаме улица, немаме маало каде што немаме проблем со хигиената. Тоа е она што најмногу ги тишти скопјани, не само изминатите четири години, туку и неколку години претходно. Не можеме да направиме далечна отстапка од владеењето на Петре Шилегов со градот и Данела. Тука речиси и да нема некоја разлика меѓу нив двајца. Со тоа што ова што се случува во последните неколку години е катастрофа за сите нас како жители на главниот град … Сето она што ќе биде зацртано во програмата ќе дадам се од себе во четири години мандат да биде реализирано. Тука ќе има и проекти со поддршка на Владата од која очекуваме силна поддршка и веруваме дека ќе има многу реализирани проекти. Скопје ќе биде претворено во едно големо градилиште, тоа што, за жал, не е слика за Скопје денес, истакна Ѓорѓиевски.
Поддршката од неговата партија да биде кандидиран за градоначалник на Скопје, како што рече, е најголем предизвик во неговиот живот. Му се заблагодари на лидерот на партијата Мицкоски од кого рече ја има најголемата помош и досега при водењето на општина Кисела Вода и, рече, верува дека таа помош и поддршка ќе ја има и во перспектива насочена кон градот Скопје.