Денес ја исправуваме државата пред нејзините најгорди амбасадори-спортистите што со години наназад ја носеа Македонија во срцето и на грбот, на терените, арените и подиумите ширум светот. Доделувањето на национални признанија за врвни достигнувања во спортот е повеќе од формалност. Тоа е чин на длабока, искрена и заслужена почит, признавање на животен подвиг.
На луѓе кои не барале ништо, а дадоа сè. Луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост. Со оваа одлука, државата воспоставува нов принцип-дека врвниот спортски успех мора да се вреднува не само во моменти на еуфорија, туку и во текот на цел живот. Токму затоа овие признанија се доживотни, тоа е конкретен израз на почит и благодарност, а не симболика.
Државата не смее и нема да го заборави никого којшто донел слава и чест, и ја промовирале истата. Овие 22 признанија се само почеток. Почеток на една нова политика, нов систем на вредности, во кој спортот не е само натпревар, туку образец. Затоа што, ако спортот нè научи нешто, тоа е дека ништо не доаѓа преку ноќ, дека успесите се плод на долги и тешки патеки.
Со оваа награда, им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде тука за вас!
Ќе продолжиме да вложуваме во спортот, во рамките на своите можности, да градиме услови, но уште поважно-да градиме систем на вреднување, каде што успехот нема да се заборави, а вложениот труд ќе се враќа со почит.
Од мое име и од името на Владата, Ви честитам!
Да живее спортот и бог да ја благослови Македонија!