Николоски: Единствени сме во регионот со кого Британија има ваков договор, спремни сме и мотивирани да ги реализираме капиталните проекти

Вториот договор за стратешко партнерство помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, кој што ја опишува целокупната политичка и економска рамка на соработка помеѓу државите, во следниот период ќе го потпишат двајцата премиери Христијан Мицкоски и Кир Стармер, наведува Николоски.Наша амбиција е да сме различни од претходните влади и да реализираме проекти, пред се инфраструктурни. Спремни сме и многу мотивирани. Всушност и брзината со која што дојдовме до овие два договори – Влада со Влада и стратешко партрнерство, е најдобра потврда за ова што го зборуваме. Она на што сум особено горд е дека ова е прв договор од ваков тип кој што Велика Британија го потпишува со кого било во регионот што покажува дека Македонија ја гледа како свој најсилен партнер во регионот, вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА.

– Најдобра потврда за ова што го зборуваме е дека на другата страна ја имаме Велика Британија. Тоа е светска сила број два, нуклеарна сила, земја членка на Советот за безбедност, земја победник во Втората светска војна и единствена кралска империја која што преживеа во светот. Така што не случајно тие потпишуваат со нас договори и не е дека потпишуваат со секого договори. Како што кажав ние сме единствени во целиот регион со кого имаат потпишано договори, вели Николоски на прашањето за забелешките во јавноста околу капацитетот на Владата да ги реализира проектите утврдени со договорот потпишан со Владата на Обединетото Кралство.