САЕ „ТИГАР“ – 44 години чувар на безбедноста и заштита на татковината

Од заклетвата која ја даваат отстапки нема. И како што и самите тие велат „патот до совршенството е бесконечен, затоа патувањето непрекинато трае“, што го отсликува стремежот на припадниците со напорна работа да се надградуваат секој ден, се повеќе и со тоа да придонесат во градењето на подобар безбедносен систем за заштита на нашата татковина.Чувари на уставниот поредок на државата, реализација на највисоки борбено-технички задачи. Синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и насилниот криминал. Елита меѓу елитите. Специјална антитерористичка единица Тигар.Време на собирање искуство, созревање, посветеност, време кое е плод на сите генерации поминати во единицата. Време кое денеска запишува близу половина век, 44 години од формирањето на „Тигрите“.

На 13 март во 1981 година во Министерството за внатрешни работи, во рамките на поранешниот Секретаријат за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија, е формирана Единицата за специјални задачи „Тигар“.

Единицата одигра важна улога во процесот на осамостојување на Република Македонија, а имаше значаен удел во справувањето со повеќе безбедносни предизвици со кои се соочи Македонија на патот од осамостојувањето па се до денес.-Со текот на годините единицата и структурно и формациски се менувала, како и опремата напредувала. И во делот на вооружувањето, и во делот на средствата и опремата која ја користат припадниците, така и во возилата и полигоните за обука, вели припадник на САЕ Тигар во изјава за Курир.

Тие го гарантираат мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на Република Македонија. Токму тука секој припадник ја наоѓа мотивацијата да се приклучи на единицата.

-Мотивацијата и желбата на еден припадник за да биде дел од нашата единица е пред се’ повикот. Повикот е зачувување на безбедноста и поредокот на нашата држава притоа давајќи саможртва, со цел успешност во извршувањето на задачите, истакнува припадникот на единицата