Верниците од исламска вероисповед го почнаа Рамазанскиот пост, што трае 30 дена и завршува на 30 март. За време на овој период, верниците од изгрејсонце до зајдисонце се воздржуваат од храна, пијалаци и лоши мисли, со цел духовно и физичко прочистување.
Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар и секоја година неговиот почеток се поместува за 10 или 11 дена наназад во однос на грегоријанскиот календар. Постот е верска обврска за сите полнолетни и здрави муслимани, додека од него се ослободени болните, бремените жени и оние кои вршат тешка физичка работа.
По завршувањето на постот, на 30 март следува Рамазан Бајрам – тридневен празник кога семејствата се собираат на празнична трпеза, а се посетуваат роднините и пријателите. Првиот ден на Бајрам е државен празник.
Во пресрет на почетокот на постот, поглаварот на Исламската верска заедница, реисул-улема Х. Хфз. Шаќир ефенди Фетаи, упати порака во која истакна дека Рамазан е време на покорност, знаење и милосрдие.
„Постот не е само воздржување од храна и пијалаци, туку и духовно патување што ја зајакнува свеста за добрината и врската со Семоќниот Алах. Овој месец не поттикнува да бидеме посочувствителни кон другите, особено кон оние кои имаат потреба од помош, како и да придонесеме за поправедно и помирно општество“, порача Фетаи.
Тој ги повика верниците да го искористат овој период за помирување, простување и зајакнување на меѓусебните врски.
„Нека овој Рамазан биде исполнет со добрина и божествена милост. Го молиме Севишниот Алах да ни даде сила и опрост, и да нè покрие со Неговата бескрајна милост“, посочи поглаварот на ИВЗ.
Рамазан е време на духовно растење, солидарност и надеж, а верниците го дочекуваат со искрена посветеност и молитва за мир и благосостојба.