Пред осумдесет години, на оваа почва, се кодифицираше македонскиот литературен јазик.
Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност.
Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ и Теодосиј Синаитски. Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Шапкарев, Џинот, Мисирков, Коневски. Сите овие луѓе се грамадни големини кои ги поставуваат темелите на нашето идентитетско обележје, нашиот јазик.

Во 21 век судбината на малите народи е постојано да се потврдуваат, борат и држат до своето право на идентитетско обележување. Најмоќните пропаганди се тие кои удираат по идентитетските обележја. И неретко ние како нација сме ги имале таквите удари, а болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму, поради разно разни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас не потврдува како народ и нација.
Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на македонски. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца.

Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за мојот народ и за нашата татковина!
