Постењето не е само воздржување од мрсна храна или нејадење, оти и ѓаволот воопшто не јаде, ама јаде души човечки и е полн со злоба, па не може да се спаси.За православните верници од денеска започнува Велигденскиот пост што ќе трае шест недели до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 20 април.Тоа е пост со повеќе имиња – повеќеимен пост. Се нарекува:
Велигденски пост – затоа што завршува на Велигден и значи подготовка за празникот. Воскресенски пост – заради празникот на Христовото воскресение. Пасхален пост – бидејќи е пост пред Пасха, како што се нарекува Велигден – Новата Пасха или Новозаветна Пасха. Велики пост – заради големото значење на постот и на празникот Велигден. Четириесетница – Велика или Света Четириесетница – затоа што трае четириесет дена (од Чист понеделник до Лазарова сабота). И Господ Исус Христос постел 40 дена (Матеј 4,2; Лука 4,2). Чесен пост – бидејќи го опфаќа времето на Христовото распнување на Чесниот крст. Најдолг пост – според должината на постењето. Тоа е најдолгиот пост. Најголем пост – според важноста, во однос на другите повеќедневни пости. Најстрог пост – меѓу останатите постења – најстрог според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.