ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ земјоделците ги остави без субвенции, производите завршуваа на буниште, ВМРО-ДПМНЕ го промени тоа

Владата на СДСМ никогаш немала издвоено 140 милиони евра за Програмата за финансиска поддршка на земјоделството. Вистината е многу поинаква – веднаш по доаѓањето на власт, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбеди 137 милиони евра за земјоделците, велат од владејачката партија.

Во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ, стои дека сведоци сме оти и тие малку средства што беа креирани, уште помалку се исплаќаа. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во периодот јули 2024 година – декември 2025 година исплати близу 10 милијарди денари (околу 163 милиони евра) за заостанати и тековни обврски.

„И секако, да не го заборавиме најдобриот земјоделски подвиг на власта на СДС – незаконскиот начин на одгледување марихуана, со кој фирмите блиски до Заев и Филипче си ги наполнија џебовите“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.